Европската унија планира да искористи околу 140 милијарди евра замрзнат руски државен имот за финансирање на голем заем за Украина, но Европската комисија сака да ја прошири иницијативата и понатаму.
Според документ до кој дошол Politico, најголемиот дел од замрзнатиот руски имот се наоѓа во белгискиот финансиски депозитар Euroclear, додека дополнителни 25 милијарди евра се чуваат на приватни банкарски сметки низ ЕУ.
Извршното тело на Унијата сака да разгледа можност да се искористат и тие средства за издавање заем за Киев.
„Потребно е да се утврди дали иницијативата за Репарациски заем може да се прошири и на другиот блокиран имот во рамките на ЕУ“, се наведува во документот кој Комисијата го дистрибуирала до европските престолнини пред состанокот на амбасадорите во петок.
Сепак, правната изводливост на оваа идеја сè уште не е детално оценета и мора да се утврди пред да се преземат конкретни чекори.
Документот содржи „дизајн-принципи“ за Репарацискиот заем за Украина, кој ќе биде разгледуван на следниот самит на ЕУ во Брисел. Се очекува лидерите на Унијата да ј повикаат Комисијата да подготви официјален предлог.
Министрите за финансии ќе ја разгледаат нацрт-иницијативата во ноември. Според документот, заемот би бил поддржан со национални гаранции од земјите членки – барање што особено го поставува Белгија, која стравува дека Москва би можела правно да се обиде да го врати имотот под санкции.
Во документот се наведува дека треба да се воспостави „цврста структура на гаранции и ликвидност“, за да ЕУ секогаш може да ги исполнува своите обврски кон Euroclear.
Планирано е создавање систем на билатерални гаранции помеѓу земјите членки и Унијата, кои би овозможиле пристап до потребна ликвидност кога е тоа неопходно.
Новиот седумгодишен буџет на ЕУ, што ќе започне во 2028 година, ќе ги преземе националните гаранции и ќе обезбеди финансиско покритие во рамките на буџетската резерва.
По одобрувањето на заемот, средствата би биле насочени кон развој на украинската одбранбена и технолошка индустрија, нејзино интегрирање во европската одбранбена структура и поддршка на државниот буџет на Украина.







