Хрватскиот министер за одбрана, Иван Анушиќ, најави дека законите за одбрана и служба во вооружените сили ќе бидат изгласани во парламентот следната недела, по што ќе започнат подготовките и повиците за првите регрути, кои се очекуваат веќе во јануари следната година.
Во ноември и декември ќе се спроведат потребните активности за основна воена обука, која ќе трае два месеци. Регрутите ќе поминат физичка и моторна обука, вежби за преживување и самоодбрана, како и основни воени вештини. Пред обуката ќе бидат подложени на лекарски преглед, но без тестирање за опијати.
Анушиќ истакна дека два месеци се доволни за стекнување на сите потребни вештини, а доколку регрутите сакаат, можат да продолжат и со професионална воена обука. Процесот ќе чини околу 20 милиони евра годишно, а ќе бидат вклучени и министерствата за внатрешни работи и за здравство.
Последната генерација доброволци веќе ја завршила обуката во Пожега, а со воведувањето на задолжителниот рок Хрватска официјално го враќа системот на општа воена служба.






