Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес најави дека „пред нас е историски важен ден“, додавајќи дека ќе присуствува на два настани „кои ќе се паметат со децении“.
Во објава на социјалните мрежи тој напиша дека во Гедел, заедно со Шандор Чањи, ќе објави „посебни вести за кои ќе зборува целата земја“, без да открие повеќе детали, но потенцирајќи дека станува збор за „настан од национално значење“.
Потоа, Орбан ќе отпатува во египетскиот Шарм ел Шеик, каде што ќе учествува на меѓународен мировен самит организиран од американскиот претседател Доналд Трамп. Според Орбан, тој лично бил повикан од Трамп да го потпише мировниот план во кој учествуваат САД, Катар, Турција и Египет.
„Трамп успеа да направи токму она што беше потребно,“ изјави Орбан, додавајќи дека ако Унгарија и нејзините сојузници не подлегнуваат на „гласовите на воените хушкачи“, истиот модел на стабилизација може да се примени и во Украина.
Орбан нагласи дека низ светот постои мрежа на мировни движења – од Блискиот Исток до Кавказ и Украина – кои соработуваат меѓусебно, а Унгарија е „горд член на оваа мировна коалиција, коалиција на нормални луѓе“.






