Од недела, земјите-членки на Европската Унија ќе започнат постепено воведување на нов систем за контрола на надворешните граници. Новите правила предвидуваат собирање електронски податоци за државјани од трети земји кои престојуваат до 90 дена.
Преодниот период ќе трае шест месеци, при што секоја земја ќе одлучува на кои гранични премини прво ќе ја примени новата процедура, со последователно проширување на сите пунктови. Со воведувањето на системот се укинува досегашното физичко печатење на пасошите, а контролата ќе се врши електронски, вклучувајќи биометриски податоци како фотографија и отпечатоци од прсти.
Откако податоците ќе бидат внесени, патниците ќе можат да поминуваат побрза проверка, а некои земји ќе овозможат и самостојна контрола преку автоматизирани уреди. Системот треба да биде целосно функционален од 10 април 2026 година и ќе помогне во откривање на нелегален престој и злоупотреба на документи, наведува Европската комисија.






