Белгиските власти спречија обид за атентат врз премиерот Барт де Вевер, откако била откриена ќелија што планирала напад со дрон-камиказа наполнет со експлозив. Федералното обвинителство потврди дека тројца млади мажи се уапсени во Антверпен, по истрагата која траела од септември.
За време на полициските претреси во населбата Деурне, во близина на домот на премиерот, пронајдена е рачно изработена експлозивна направа која сè уште не била активна, како и метални топчиња и 3D печатач што, според истражителите, бил користен за изработка на делови за дронот.
Осомничените, на возраст од 18, 23 и 24 години, сите од Антверпен, се поврзуваат со радикална исламистичка идеологија. Двајца од нив се изведени пред истражен судија, додека третиот е пуштен да се брани од слобода. Еден од приведените е со потекло од Чеченија.
Белгиската федерална обвинителка Ан Франсен изјави дека акцијата е резултат на долготрајна координација меѓу антитерористичките служби и полицијата. Таа потврди дека експлозивната направа била во почетна фаза на изработка и не претставувала непосредна закана.
Министерот за надворешни работи и потпретседател на владата, Максим Прево, потврди дека целта на нападот бил токму премиерот Де Вевер, но нагласи дека не се предвидуваат дополнителни безбедносни мерки бидејќи осомничените се веќе уапсени.
Ова е втор пат во последната година премиерот да биде цел на закани. Претходно, пет лица беа осудени за подготовка на напад против него, а минатата недела полицијата пронајде сомнителен пакет пред неговиот дом — случај кој, според властите, не е поврзан со тековната истрага.







