Израелскиот претседател Исак Херцог ја поздрави улогата на американскиот претседател Доналд Трамп во постигнувањето на договорот меѓу Израел и палестинската група Хамас, со кој се става крај на војната во Газа. Според Херцог, американскиот лидер заслужува Нобелова награда за мир за своите напори во посредувањето.
„Нема сомнеж дека тој ја заслужува Нобеловата награда за мир за ова“, напиша Херцог на платформата X, додавајќи дека договорот ќе донесе „моменти на неописливо олеснување за семејствата кои не спијат веќе 733 дена“.
Херцог истакна дека новиот мировен план претставува „шанса за обновување, закрепнување и отворање на нов хоризонт на надеж за целиот регион“. Тој им оддаде почит на израелските војници, на семејствата на загинатите и на сите кои, како што рече, „платија неподнослива цена за овој историски и судбински момент“.
Претходно, Трамп објави дека Израел и Хамас се договориле за првата фаза од мировниот план за Газа.
„Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу скоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи до договорената линија – како прв чекор кон силен, траен и вечен мир“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.






