Економскиот раст во земјите од Западен Балкан забавува, а Светската банка предупредува дека регионот ќе се соочи со сериозна криза на пазарот на трудот доколку не се спроведат темелни реформи и инвестиции во инфраструктура и дигитализација.
Според најновиот извештај, растот на БДП во регионот во 2025 година ќе изнесува околу три проценти, што е под претходните проекции. Инфлацијата и зголемената неизвесност ја ограничуваат потрошувачката и го успоруваат растот, иако платите и кредитите се во пораст.
Највисок раст се очекува во Албанија (3,7%), додека Србија (2,8%) и Босна и Херцеговина (2,6%) заостануваат зад регионалниот просек. Светската банка прогнозира постепено подобрување од 2027 година, кога растот би можел да достигне 3,6 проценти, а Србија дури 4 проценти — доколку се спроведат потребните реформи.
Регионалниот пазар на труд се соочува со парадокс: недостиг од работници во одредени сектори, додека стапката на невработеност останува висока. Демографските трендови ја продлабочуваат кризата — бројот на работоспособно население би можел да се намали за 20 проценти до 2050 година, а регионот да изгуби над 190.000 работници во следните пет години.
Светската банка препорачува засилени инвестиции во транспорт, енергетика и животна средина, со цел да се поттикне продуктивноста, конкурентноста и долгорочниот економски раст на Западен Балкан.







