Францускиот претседател Емануел Макрон се соочува со најтешката политичка криза во своето владеење, откако премиерот Себастијан Лекорну поднесе оставка само неколку часа по објавувањето на составот на новата влада — најкраткотрајната во поновата историја на Франција.
Од Елисејската палата потврдија дека во следните 48 часа Макрон ќе именува нов премиер, додека земјата се наоѓа во длабока институционална и економска нестабилност. Лекорну, кој останува вршител на должност, изјави дека „е можно именување на нов премиер во наредните два дена“ и дека „излезот од кризата сè уште постои, иако ќе биде тежок“.
Политичка блокада и страв од нови избори
Според Лекорну, мнозинството пратеници во Националното собрание се против предвремени избори и подготвени се да соработуваат околу клучните буџетски прашања. Тој најави дека буџетскиот дефицит за оваа година ќе изнесува 5,4% од БДП, со можност целта за намалување да се ублажи на 5%, наместо првично планираните 4,7%.
Макрон е под зголемен притисок од сите страни на политичкиот спектар. Крајната десница и левицата бараат неговата оставка или нови избори, а финансиските пазари реагираа со вознемиреност поради политичката парализа во второто најголемо стопанство на еврозоната.
Борба за нов премиер
Ако Макрон не ја распушти Националната собрание, ќе мора да назначи нов премиер кој повторно ќе се соочи со проблемот на усвојување буџет без стабилно парламентарно мнозинство. Во Елисеј се размислува и за политичар од левиот центар, можеби од Социјалистичката партија, што би значело приближување кон левицата – но и отстапки околу непопуларната пензиска реформа.
Бившата премиерка Елизабет Борн, која го протурка законот за зголемување на старосната граница за пензионирање, сега повика на привремена суспензија на законот. Поддршката за ваков потег расте и меѓу умерените пратеници.
Макрон молчи, Ле Пен бара избори
Макрон засега молчи. Се очекува да зборува во четврток на церемонијата во Пантеон, но малкумина веруваат дека таму ќе се осврне на кризата што ја потресува неговата влада — трет премиер во помалку од една година.
Во меѓувреме, лидерите на крајната десница бараат распишување избори. Марин Ле Пен изјави дека нејзината партија ќе гласа против секој нов премиер кој ќе го предложи Макрон.
„Шегата траеше доволно долго. Никој повеќе не се смее“, порача претседателот на Националното обединување, Жордан Бардела, обвинувајќи го Макрон дека се обидува да ја задржи власта „по секоја цена“.







