Москва даде зелено светло за планот на Трамп; „Неговиот план за Газа – најдобро решение“
Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа, и покрај тоа што е општ и недоволно конкретен, во моментов е најдобрата опција, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Во интервју за проектот „Мостови кон Истокот“, Лавров нагласи дека Русија го гледа Трамповиот план како позитивен чекор, бидејќи главната цел е „брзо запирање на крвопролевањето, спасување животи и обнова на Газа и она што остана од неа“.
Тој додаде дека планот би бил реален ако го прифатат Палестинците, и нагласи дека е клучно да престанат сите непријателства.
Лавров забележа дека „Хамас сега бара гаранции дека вакви напади и непријателства нема да се повторат, што е резултат на лекции научени од тековната трагедија“.
Тој додаде дека Трамповиот план, составен од 20 точки, го содржи терминот „државност“, иако се’ е формулирано мошне општо, и дека се однесува само на Појасот Газа, а не и на окупираниот Западен Брег.
„Се разбира, ние сме реалисти. Сфаќаме дека ова е најдоброто што во моментов е на маса“, рече Лавров.
Тој остро го осуди нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, но истакна дека „колективното казнување на палестинскиот народ“ за тој напад претставува сериозно прекршување на меѓународното хуманитарно право.







