Општина Пустец, со својата природна убавина, езерскиот предел и бројните цркви и манастири, станува сè попопуларна туристичка дестинација.
„Во првите девет месеци од годинава нашата општина ја посетија околу 50 илјади туристи“, изјави за МИА Пали Колефски, градоначалник на Пустец.
Освен македонските туристи, сè поголем е и бројот на посетители од различни европски држави, кои се воодушевени од убавините на регионот. Според Колефски, само преку една македонска туристичка агенција во изминатите десетина дена Пустец го посетиле 35 туристички групи.
„Ова покажува дека Пустец привлекува туристи од целиот свет како дел од турите за откривање на убавините на Албанија. Меѓу најпосетените места се Островот Мал Град и пештерската црква, каде што туристите се особено воодушевени“, додава тој.
Градоначалникот истакнува дека групите се водени од локални водичи, кои им овозможуваат детално запознавање со историјата, природата и културното наследство на регионот.
„Во последните години реализиравме повеќе проекти за подобрување на патната инфраструктура, уредување на плажите и обезбедување редовно водоснабдување. И понатаму ќе работиме на создавање подобри услови за туристите“, нагласува Колефски.
Тој очекува бројот на туристи оваа година да го надмине минатогодишниот рекорд од 80 илјади посетители. Општина Пустец ја сочинуваат девет населени места распослани долж брегот на Преспанското Езеро.







