Предвремени парламентарни избори следната година нема да има, затоа што нема никаква потреба од тоа, изјави министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива (дел од коалицијата ВРЕДИ), Орхан Муртезани, во интервју за МРТ 1.
На прашањето дали постои можност ВМРО-ДПМНЕ да биде принудена да распише избори доколку ДУИ оствари добар резултат на локалните избори, Муртезани одговори дека владејачкото мнозинство со 76 пратеници е стабилно.
„Ова намерно се пласира од страна на ДУИ, но ваквиот дискурс не им успеа ниту еднаш. Веднаш по изборите тврдеа дека ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ нема шанси да формираат влада — а ние формиравме. Потоа рекоа дека нема да траеме ни 100 дена — поминаа. Потоа велеа: ќе видите по Нова година, ќе запалиме сè. Еве, одиме на локални избори. Сè додека тие зборуваат вака, ние ќе продолжиме да победуваме и да владееме,“ рече Муртезани.
Тој додаде дека предвремените избори би значеле забавување на проектите што Владата веќе ги започнала.
„Во моментов нема никаква потреба од избори. Владините мерки што се подготвуваат со месеци треба да ги дадат првите резултати во 2026 година. Ако одиме на избори, ќе изгубиме цела година“, истакна Муртезани.
Во врска со најавената реконструкција на Владата до крајот на годината, тој нагласи дека таа ќе биде неопходна доколку некои од сегашните министри, кои се кандидати на локалните избори, бидат избрани за градоначалници.
Според Муртезани, Беким Сали ќе биде прв вицепремиер во идната структура на Владата.







