Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју со конзервативниот коментатор Бен Шапиро предупреди дека Иран развива интерконтинентални балистички ракети со кои би можел „да ги стави под нуклеарна закана Њујорк, Бостон, Вашингтон или Мајами“.
„Иран може да уценува кој било американски град. Луѓето не сфаќаат, но тие веќе развиваат ракети со дострел од 8.000 километри – додадете уште 3.000 и ќе стигнат до источниот брег на САД“, изјави Нетанјаху, додавајќи дека се работи за „огромна закана од луѓе кои скандираат ‘смрт за Америка’“.
Тој нагласи дека израелските разузнавачки служби не ги штитат само интересите на Израел, туку и на САД, посочувајќи дека „спречиле уривање авион од страна на ИСИС и други терористички напади ширум светот“.
Нетанјаху изрази уверување дека крајот на војната во Газа е близу, но дека „нема да има вистински мир сè додека Хамас остане на власт“.
„Мислам дека сме при крај, но работата не е завршена. Пред точно две години беа извршени најтешките злосторства врз Евреите по Холокаустот. Денес, Иранската оска и нејзините сојузници се речиси уништени, а Израел излезе посилен од кога било“, рече тој.
Премиерот додаде дека конечната цел е „ослободување на 46 заложници, од кои 20 се сè уште живи, и крај на владеењето на Хамас во Газа“.






