Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот народен митинг во Македонски Брод, во рамки на кампањата за локалните избори 2025 година, порача дека „моментот за вистински ресет на системот е сега“.
Мицкоски истакна дека Македонија мора да го обнови правосудниот систем и да воспостави вистинска правна држава, во која судиите ќе судат според закон, а не под влијание на поединци или центри на моќ.
„Време е да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и достоинство. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, институциите мора да штитат, а не да молчат. Правдата не смее да биде привилегија, туку право на секој граѓанин“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека „ресетот на системот“ ќе биде праведен, но решителен, насочен кон искоренување на корупцијата и воспоставување одговорност во институциите.
„Ова не е реванш, туку враќање на довербата. Ќе има истрага таму каде што имало злоупотреба, транспарентност таму каде што имало влијание и сила на правото таму каде што имало корупција. Ќе воведеме јасни правила и отчетност, за државата конечно да им служи на граѓаните“, рече премиерот.
Мицкоски најави сеопфатни реформи – судска, административна и дигитална трансформација на јавните услуги – кои, според него, ќе ја вратат функционалноста и довербата во институциите.
„Нашата борба не е само за една општина, туку за секое семејство и за секое дете што сака подобра иднина овде, дома. Македонија е подготвена да оди напред“, порача тој, повикувајќи ги граѓаните да излезат на гласање на 19 октомври и да ја поддржат коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со број 9.







