Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја посети Македонија на 15 октомври, каде што ќе одржи тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски. Посетата следи по серијата изјави на европски претставници кои бараат поголема динамика и опипливи резултати во дијалогот меѓу Скопје и Софија.
Австриската сојузна министерка за Европа, Клаудија Плаколм, и државната секретарка во Министерството за надворешни работи на Словенија, Нева Грашиќ, денеска од Скопје порачаа дека Македонија заслужува јасна перспектива и членство во Европската Унија до 2030 година.
„Ќе поддржиме сè што е потребно за да се видат конкретни резултати од преговорите – и од македонска, и од бугарска страна“, изјави Плаколм.
Грашиќ истакна дека секоја иницијатива која го поттикнува дијалогот е добредојдена и изрази надеж дека истите пораки ќе ги повтори и фон дер Лајен при нејзината посета на Скопје.
Австрија и Словенија, заедно со уште 14 земји членки, поддржуваат воведување на квалификувано мнозинство за техничките чекори во процесот на проширување, наместо едногласност, со цел да се забрза интеграцијата на земјите кандидати.
„Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство при пристапувањето на нови членки во ЕУ. Тоа ќе го намали ризикот од билатерални блокади и ќе го направи процесот поефикасен“, нагласи Плаколм.
Слична позиција сподели и словенечката претставничка: „Заедно со Германија, Италија и Австрија испративме писмо до Европската комисија за поедноставување на процесот. Поддршка дадоа 16 земји членки.“
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, оцени дека ваквите реформи би биле клучни за избегнување на идни билатерални блокади во македонскиот евроинтегративен процес.
„Промената на системот би го намалила просторот за злоупотреби на билатералните интереси и би овозможила посигурен напредок кон членството“, рече Муртезани.
Иницијативата за промена на правилата за гласање во ЕУ првично ја предложи претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, но засега е одбиена од неколку земји кои не се подготвени да се откажат од своето право на вето.
Во меѓувреме, Мицкоски најави дека по локалните избори ќе има придвижување во односите меѓу Скопје и Софија, во насока на надминување на застојот во евроинтеграциите.







