Американскиот претседател Доналд Трамп го критикувал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради неговата реакција на изјавата на Хамас дека ја прифаќа основата на американскиот мировен план за Газа, објави „Аксис“.
Според изворите, Трамп го повикал Нетанјаху веднаш по соопштението на Хамас, велејќи дека тоа е „добра вест“, но израелскиот премиер одговорил дека „нема причина за славје“. На тоа Трамп реагирал со зборовите: „Не знам зошто си секогаш толку негативен. Ова е победа — прифати ја.“
Иако Нетанјаху подоцна тврдел дека САД и Израел се „целосно усогласени“, американски официјален претставник за „Аксис“ изјавил дека разговорот бил напнат и дека Трамп бил видливо изиритиран.
Американскиот претседател предложи Хамас да ги ослободи сите заложници во рок од 72 часа откако Израел ќе ги прекине нападите и ќе ги повлече трупите до „договорената линија“. Израел сè уште нема официјално одговорено.
Индиректните преговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас почнуваат денес во Египет.






