Белгија разгледува опција да изнајми или инвестира во изградба на затвор во Албанија или Косово, каде би се префрлале лица осудени за кривични дела, но без регулиран престој во Европската Унија.
Белгиските власти веќе подготвуваат состаноци со своите колеги од Тирана и Приштина за да ја истражат оваа можност, потврдуваат извори од белгиските служби за миграција и азил.
Причината за ваквиот потег е хроничниот недостиг на капацитети во белгиските затвори. Во земјата моментално има околу 13.000 затвореници, додека вкупниот број на достапни места изнесува околу 11.000. Од нив, околу 4.400 лица се странци без регулиран престој во ЕУ.
Белгија, според планот, би можела да изнајми затворски ќелии или да помогне во финансирањето на изградбата на нови установи на територијата на Албанија или Косово, што би овозможило растеретување на нејзиниот пренатрупан затворски систем.






