Бившата германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека рускиот напад на Украина делумно е последица на одбивањето на некои источноевропски држави да дозволат директни разговори помеѓу неа, Владимир Путин и францускиот претседател Емануел Макрон.
Во интервју за унгарскиот медиум Partizán, Меркел посочи дека во јуни 2021 година почувствувала дека Путин повеќе не го почитува Минскиот договор, па предложила нов формат на преговори заедно со Макрон, каде Европската унија би разговарала директно со Путин. Таа, сепак, наишла на отпор од некои држави, пред сè балтичките земји и Полска, кои се плашеле дека нема да се одржи заедничка политика на ЕУ кон Русија.
„Јас ја напуштив функцијата, а потоа започна агресијата на Путин“, додаде Меркел, нагласувајќи дека одбивањето на Полска да го поддржи Минскиот договор делумно ја охрабрило Русија да го изврши нападот во 2022 година.
Меркел посочи и дека пандемијата на коронавирусот довела до прекин на комуникацијата, што го ограничило функционирањето на меѓународните канали за преговори. „Дали Путин ќе нападнеше доколку немаше пандемија? Никој не може да каже. Коронавирусот ја промени светската политика бидејќи не можевме да се сретнуваме“, изјави таа, додавајќи дека Путин избегнувал учество на самитот на Г20 поради страв од зараза.
„Ако не можете да се сретнете и да ги решите разликите, тогаш не можете да најдете нови компромиси“, заклучи Меркел.






