Американскиот претседател Доналд Трамп ја оцени како „добра идеја“ понудата на рускиот претседател Владимир Путин за продолжување на ограничувањата на стратешкото нуклеарно оружје, предвидени со договорот „Нов СТАРТ“.
Путин минатиот месец предложи Русија доброволно да ги задржи ограничувањата за големината на нуклеарниот арсенал, утврдени со договорот од 2010 година, под услов САД да направат исто. Трамп, одговарајќи на новинарско прашање пред Белата куќа, рече дека „тоа звучи како добра идеја“.
Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензја, изјави дека Москва сè уште го чека официјалниот одговор од Вашингтон.
„Новиот СТАРТ“, потпишан од поранешните лидери Барак Обама и Дмитриј Медведев, ја ограничува секоја страна на најмногу 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 ракети и бомбардери. Договорот истекува во февруари следната година.
Продолжувањето на овој договор би било невообичаен потег во услови на зголемени тензии меѓу САД и Русија по средбата на Трамп и Путин во Алјаска во август и поради инцидентите со руски дронови во воздушниот простор на НАТО.






