Дан Стивен Ериксон, пензионер од САД, во искрена исповед за Business Insider раскажува како успеал да собере околу 650.000 долари, комбинирајќи ја својата плата, инвестициите во недвижности и учеството во пензиски фондови. Иако износот звучи импресивно, тој признава дека се уште не се чувствува целосно финансиски сигурен.
Ериксон започнал да работи со 17 години, на различни ниско платени позиции, а на факултет отишол дури на 30 години. По студиите, работел на универзитети во Канзас, Индијана и Вашингтон, каде го користел пензискиот план на работодавецот. Првите недвижности ги купил во 2012 година, а при продажба во 2019 и 2023 година остварил значителен профит, кој го користел за отплата на кредити и вложување во нови имоти.
Со систематско штедење во пензиски фонд од 7% од платата, со придонес од работодавецот и дополнителни месечни уплати, неговата пензиска заштеда до 59 година достигнала 500.000 долари. Наследството од мајка му во 2022 година ја зголемило заштедата за уште 70.000 долари, а со сопственички удел во недвижности, вкупната сума достигнала околу 650.000 долари.
И покрај финансиската дисциплина и успехот со недвижности, Ериксон продолжува да работи два хонорарни работни места, бидејќи се уште се чувствува несигурен за иднината. Неговата поука до младите е јасна: започнете со штедење што порано, дури и со мали износи, за да обезбедите стабилна и безбедна старост.







