Основното јавно обвинителство во Тетово поведе истрага против две лица од Брвеница, осомничени за неовластено производство и продажба на наркотични дроги, по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Инцидентот се случил на 4 октомври, околу 2 часот по полноќ, кога полициски патроли на автопатот Тетово–Гостивар, во близина на клучката за Брвеница, забележале автомобил „БМВ“ што се движел нестабилно. По дадениот сигнал за запирање, едниот од осомничените се обидел да исфрли ќеса со дрога од совозачкото седиште, но бил спречен од полицијата.
При претресот биле пронајдени вкупно 110,31 грам кокаин, дигитална вага со траги од дрога и повеќе од 200.000 денари и 1.150 евра, за кои постои сомнение дека потекнуваат од нелегална продажба. Средствата се привремено одземени.
Јавниот обвинител побара од судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово да му биде определен притвор на едниот осомничен, додека за вториот предложени се мерки на претпазливост.







