Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел се согласил со „почетната линија на повлекување“ од Појасот Газа, а сега се чека потврда од Хамас за да стапи на сила прекин на огнот и да започне размената на заложници.
Според Трамп, откако Хамас ќе ја потврди линијата, веднаш ќе започне размена на израелските заложници во Газа за палестинските затвореници во Израел, а ќе се создадат услови за следната фаза на повлекување. Тој нагласи дека ова значи приближување кон „крај на оваа 3000 години стара катастрофа“.
„Почетната линија на повлекување“, според картата објавена од Трамп, ги прикажува приближните позиции на Израел пред големата офанзива во Газа. Во моментот на офанзивата, израелската армија контролирала околу 70% од територијата на Појасот Газа, што значи дека ќе остане присутна во јужниот дел, во Рафа и Хан Јунис, како и во поголемиот дел од северниот дел, заедно со своите заштитни зони.
Средбата меѓу претставници на Израел и Хамас, на повик на Египет, е закажана за понеделник во Каиро, а на неа ќе се разговара за размена на израелските заложници за палестински затвореници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека очекува сите заложници да се вратат во наредните денови и ги одби тврдењата дека Хамас би бил подготвен за тоа без целосно повлекување на израелската армија. Тој ја нагласи улогата на воениот и дипломатски притисок во промена на ставот на Хамас и му се заблагодари на претседателот Трамп за воената поддршка.
Во следната фаза од договорот, Хамас ќе биде разоружан, а Појасот Газа демилитаризиран.
Според извори блиски до Хамас, групата веќе подготвила делегација која ќе отпатува во Египет за разговори. Хамас е подготвен да ги предаде сите живи и починати заложници, но тоа зависи од ослободување на палестинските затвореници и обезбедување соодветни услови за размена.
Во моментов, 48 заложници се во рацете на исламските групи, а според израелски информации, 20 се се уште живи.






