Обилниот снег што паѓа во Србија од вчера предизвика голем хаос и доведе до прогласување вонредна состојба во четири општини – Ивањица, Нова Варош, Медвеѓа и делови од Ариље.
Претседателот на општина Ариље, Предраг Маслар, соопшти дека најтешко е во селата Добраче, Бјелуша, Бреково, Висока, Радошево и Крушчица, каде над 1.500 жители останале без струја. Екипите работат на расчистување на паднати дрвја и поправка на оштетените далноводи.
Црна Трава е целосно отсечена – сите патишта се непроодни, нема фиксна ниту мобилна телефонија, а електричната мрежа е силно оштетена. Екипите можат да интервенираат само пеш.
Слична состојба има и во Медвеѓа, каде повеќе села се без електрична енергија, а планинските патишта се блокирани од дрвја.
Во Нова Варош повеќе од 80 проценти од домаќинствата се без струја, а целиот град е без вода уште од завчера. Снегот скинал кабли и урнал столбови. На неколку локации мештани заедно со работници расчистувале паднати дрвја за да се овозможи работа на јавните установи.
Проблеми со снабдувањето со електрична енергија се пријавени и во други делови на земјата.







