Актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека Битола во изминатите четири години поставила цврсти темели за развој на модерен и чист град.
Тој нагласи дека Битола се трансформира во велоград со над 5 километри велосипедски патеки, додека училиштата во градот постепено стануваат енергетски ефикасни. Битола, посочи Коњановски, е лидер по бројот на добиени проекти преку двата повици од унгарскиот кредит – вкупно 80 проекти и 1 милијарда денари вложени во градот.
Во рамки на новите планови, Коњановски најави изградба на нов булеварски влез од страната на Охрид, како и уредување на јавниот превоз. Планирана е набавка на современи автобуси, дигитализација на постојките и редовен превоз до сите населени места, со цел намалување на сообраќајниот метеж и зголемено користење на јавниот превоз.
Коритото на реката Драгор ќе биде уредено според светски стандарди, а паралелно ќе се реконструираат мостовите и пешачките патеки. Коњановски потенцираше дека исто внимание се посветува и на развојот на руралните средини и пристапот до нив.







