Силно невреме го погоди бугарското одморалиште Елените на Црното Море, при што три лица загинаа – еден граѓанин и двајца спасувачи, објави министерот за внатрешни работи на Бугарија, Даниел Митов. Загинатиот граѓанин бил во соба на приземјето на неговата куќа кога го зафати првиот голем бран.
Министерот апелира до граѓаните да ги следат наредбите за евакуација и истакна дека нема точен број на лица кои сè уште не се евакуирани. Шест жени, меѓу кои и три полски државјанки, беа евакуирани од одморалиштето, а спасувачки екипи од Несебар и Поморје, како и нуркачи со амфибиски брод, се на терен за справување со последиците од поплавите.
Порано денес, градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, прогласи делумна вонредна состојба до 6 октомври поради обилните врнежи и поплави кои зафатија Бургас, Рибарското село, селото Маринка и комплексот вили Черници. Во овие области во рок од 12 часа наврнале над 250 литри дожд на квадратен метар.
Поплавите предизвикаа урнат мост во Черници, блокирајќи пристап до вилите, а пет брода се превртеа во рибарското пристаниште Крајморје. Локалните власти го ограничуваат сообраќајот и апелираат до граѓаните да останат дома и да избегнуваат патувања додека не се стабилизира ситуацијата.






