Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје го одобри обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во целост.
Од Судот објаснуваат дека доставата на обвинителниот акт била особено сложена, бидејќи станува збор за 37 обвинети со 33 бранители. Дел од обвинетите имале заменети мерки притвор, па било тешко да се утврди нивната локација и мерка за да може да се изврши достава.
„Проблем имаше и со достава до дел од бранителите кои, и покрај најавените термини, не беа пронајдени во своите канцеларии. Доставата ја извршивме преку судските служби на Основниот кривичен суд Скопје за да не се одолговлечи процесот, доколку се користеше редовна пошта“, соопштија од Судот.
Дополнителна потешкотија била тоа што во првичниот обвинителен акт, пред да биде доуреден, не биле целосно наведени личните податоци на обвинетите и адресите за куќен притвор, што судот дополнително морал да ги провери.







