Два патнички авиона на „Делта Ер Лајнс“ се судрија на пистата на њујоршкиот аеродром ЛаГвардија, откако крилото на едниот авион удрило во трупот на другиот. Инцидентот се случил во среда вечерта, нешто пред 22 часот по локално време, при мала брзина.
Според информациите, се работи за летот „Ендеавор Ер 5047“, кој пристигнал од Шарлот, Северна Каролина, и летот „Ендеавор 5155“, кој требало да полета за Роанок, Вирџинија. Во несреќата полесно е повредена една стјуардеса, која била пренесена во болница.
На летот 5155 имало 28 патници и четири членови на екипажот, а на летот 5047 вкупно 57 патници и четири членови на екипажот.
Работата на аеродромот не била прекината, а патниците биле евакуирани и со автобуси префрлени до терминалите. Компанијата им обезбедила хотелско сместување и ќе ги пренасочи на нови летови.
„Нашите тимови во ЛаГвардија се грижат за патниците по сударот на два авиона на Делта Конекшн, управувани од ‘Ендеавор Ер’. Целосно ќе соработуваме со надлежните органи во истрагата“, соопштија од авиокомпанијата.






