Американскиот бизнисмен и иноватор Илон Маск стана првата личност во историјата чије богатство достигна 500 милијарди долари, објави „Форбс“. Најголемиот дел од неговото нето-богатство доаѓа од акциите во „Тесла“ и „Спејс-Икс“.
Според проценките на списанието, Маск е за околу 150 милијарди долари побогат од ко-основачот на „Оракл“, Лери Елисон. Подоцна „Форбс“ ја ревидираше сумата на 499,1 милијарди, но рекордот останува.
Богатството на Маск е тешко за прецизна проценка бидејќи многу од неговите компании не се на берза. Тој ја надмина границата од 400 милијарди уште во декември 2024 година, во време на шпекулации дека „Тесла“ ќе има корист од новата политичка клима во САД.
И покрај падот на продажбата и контроверзиите околу неговите политички ставови, акциите на „Тесла“ повторно пораснаа. Причината е оптимизмот на инвеститорите за иднината на роботиката и робо-такси услугите, како и зголемената побарувачка за електрични возила пред истекот на федералните стимулации.







