Израелски воени бродови ја пресретнаа флотилата на меѓународни активисти што пловеше кон Газа, при што меѓу приведените се најде и младата шведска еко-активистка Грета Тунберг.
Израелското Министерство за надворешни работи објави снимка на која се гледа Тунберг на палубата на брод, каде што израелски војник ѝ дава вода и јакна, пренесе „Би-би-си“.
Групата Global Solidarity Flotilla (GSF) соопшти дека израелската војска користела водни топови и намерно удрила еден од бродовите, оштетувајќи и дел од комуникациската опрема, со што биле прекинати преносите во живо. „Ова не е чин на одбрана, туку очаен обид да се одржи опсадата врз Газа“, соопшти организацијата.
Според GSF, повеќе пловила – меѓу кои и главниот брод „Алма“, како и „Surius“ и „Adara“ – биле пресретнати и качени од израелската морнарица.
Инцидентот се случил околу 70 наутички милји од брегот на Газа. Групата се надеваше дека конвоите со хуманитарна помош ќе пристигнат во четврток наутро.
Израелската влада го нарече овој потег „провокација“ и нагласи дека сите активисти, вклучувајќи ја и Тунберг, се „безбедни и здрави“.







