Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за наводна промена на ставот околу францускиот предлог, нарекувајќи ги „уште еден обид за спин“ од партијата која, според него, „не сака да го продолжи европскиот пат на земјата“.
Филипче потенцира дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е мотивирано од желбата да ја задржат државата „заглавена“ за да можат да ја менаџираат во интерес на мал круг партиски челници и нивни фирми. Тој додаде дека предлог-резолуцијата на СДСМ за францускиот предлог ги содржи сите претходни документи и јасно ги утврдува црвените линии за заштита на јазикот, идентитетот, културата и историјата.
„Јасен е нашиот предлог. Ги повикуваме сите политички партии да ја поднесеме таа резолуција заедно и конечно да обезбедиме национален консензус“, рече Филипче.
Тој ги отфрли обвинувањата за коалиција со ДУИ и Левица, нагласувајќи дека токму ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период соработувало со нив на парламентарно и локално ниво. „Како нè обвинуваат кога јасно кажуваме дека немаме никаква коалиција? Колку пати им поминаа закони со двотретинско мнозинство? Тие лаги не поминуваат повторно“, истакна Филипче.
Прашан за можноста за промена на коалициите во централната власт, Филипче рече дека „сè е можно кога е во прашање ВМРО-ДПМНЕ“ и дека за нивниот тесен партиски и личен интерес се спремни сè да направат.
Лидерот на СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека сака да го контролира судството и да поставува свои луѓе на клучни позиции, повторувајќи дека застојот во реформите е одговорност на актуелната власт на оваа партија.
Филипче се осврна и на состојбата во Општина Аеродром, нагласувајќи дека е потребна промена. Тој оцени дека општината е занемарена, со искршени корпи, неисчистени површини и недостаток на содржини за младите. Според него, кандидатот на СДСМ за градоначалник Александар Трајановски е личност со визија и способна да ја обнови општината.






