Германските медиуми објавија шокантни информации – минатиот четврток над најсеверната покраина Шлезвиг-Холштајн биле забележани повеќе дронови.
Според „Билд“, прво околу 21 часот два мали дрона се појавиле над бродоградилиштето „Тисенкруп“ во Кил, а потоа пристигнале уште неколку. „Шпигел“ јавува дека беспилотни летала биле забележани и над клучни државни институции.
Властите истражуваат дали дроновите намерно летале над критична инфраструктура со цел шпионажа. По инцидентот во Кил, мрежа од дронови – меѓу кои и таканаречен „матичен дрон“ – се појавил над Универзитетската болница, а потоа и над крајбрежна електрана и Каналот Кил.
Наводно, летале и над зградата на покраинскиот парламент, како и над рафинерија што го снабдува со керозин аеродром во Хамбург.
Интерен меморандум на властите, до кој дошол „Шпигел“, ги опишува нивните траектории како „паралелни“, што укажува на систематско истражување на теренот и зградите.
Иако ситуацијата предизвика паника, покраинската влада реагираше воздржано. Министерката за внатрешни работи Сабине Цитерлин-Вак потврди само дека имало прелети и дека истрагата е во тек.
„Шпигел“ наведува дека сомнителни дронови биле забележани и над база на Бундесверот во Заниц, Мекленбург-Западна Померанија, како и над поморската команда во Росток. Полицијата пријавила неколку големи квадрокоптери тешки околу 2,5 килограми кои летале „координирано и континуирано“.
Сè уште не е познато кој управувал со леталата, но случајот потсетува на слични инциденти во Данска, каде аеродромите мораа да ги прекинат летовите по појава на големи дронови. Данските власти не ја исклучуваат можноста за руско учество.
По овие случувања, германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринг изјави дека заканата е зголемена и најави формирање на нов центар за одбрана од дронови.







