Тони Коњановски, актуелен градоначалник на општина Битола и кандидат за нов мандат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, говореше за проекти поврзани со животната средина и јавната хигиена во дебатната емисија „Директно“ на Телма.
Коњановски нагласи дека намалувањето на загадувањето се одвива преку конкретни и реални мерки и дека процесот ќе продолжи. Тој потенцира дека два крупни проекти веќе се реализираат во Битола. „Топлификацијата, проект вреден над 40 милиони евра, опфаќа 36 објекти, јавни институции, и значително придонесува за зачувување на животната средина“, изјави Коњановски.
Градоначалникот најави дека во најнапредна фаза на изградба е новата Пречистителна станица со колекторски систем за прочистување на отпадните води. „Пред реализација сме на пречистителна станица со колекторски систем за прочистување на отпадните води. Тоа е проект што веќе започна да се реализира и е од голема важност за граѓаните“, додаде Коњановски.
Со овие инфраструктурни проекти, како што истакна, општината ги надминува проблемите со загадувањето и ја подобрува животната средина за битолските граѓани.






