Почна судењето против екс претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска. Обвинителството ја товари со две дела: дека му дала службена тајна на Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име полагал тест за сертификат „државна тајна“.
Одбраната тврди дека податоците што завршиле кај Стојановиќ не се службена тајна, туку јавно достапни, а тестот за државна тајна не бил клучен за добивање на сертификатот, туку проверките на АНБ. За тоа предложиле да сведочат претставници на АНБ и ДКСК. Адвокатот Владимир Туфегџиќ изјави дека доставените докази целосно го дискредитираат обвинението и очекува ослободителна пресуда.
Обвинителството, пак, истакнува дека располага со цврсти докази за вината на обвинетите. При крај е анализа на околу 250.000 електронски записи од телефонот на Димитровска, додека паралелно се прибавуваат податоци од други институции и се сослушуваат сведоци.
На обвинителна клупа денеска седнаа и ревизорот Миле Столевски, како и Борче Најдов и Билјана Петровска Мантева. Судот одлучи предметот да се раздвои само за Борче Најдов, иако обвинителите бараа спојување со случајот „Адитив“. Одбраната ја оспори и надлежноста на одделот за организиран криминал, но судиите не прифатија, а конечната одлука ќе ја донесе Апелација.





