Американскиот Стејт департмент ги објави годишните Извештаи за инвестициската клима во Северна Македонија за 2025 година, истакнувајќи дека водeњето бизнис е генерално лесно, но корупцијата и недоследното спроведување на законот претставуваат постојан предизвик.
Големите странски компании во Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) пријавуваат позитивни искуства и добри односи со владата, но регулаторната средина останува комплексна и непредвидлива. Северна Македонија е рангирана на 88-мо место од 180 земји во Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл.
Извештајот посочува дека земјата нуди можности за инвестиции во дигитализација и зелена енергија, а стратешката локација на раскрсницата на паневропските транспортни коридори VIII и X е дополнителна предност. Сепак, недостатокот на „едношалтерски систем“ за странски директни инвестиции и ограничената ангажираност на владата во 2024 година го отежнуваат процесот за инвеститорите.
Владеењето на правото и корупцијата остануваат клучни предизвици, со прекумерно мешање на политиката во судството, лошо финансирање и низок капацитет на судовите. Недостатокот на транспарентност во јавните набавки е исто така главен извор на корупција.
Извештајот нагласува дека Северна Македонија е отворена за американски инвестиции и не постои широко распространето антиамериканско расположение, но земјата е изложена на антизападно влијание и дезинформации, особено од Русија.






