Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва триумфира во, како што ја нарече, „праведната битка“ во Украина.
Во видео-обраќање објавено на веб-страницата на Кремљ, Путин нагласи:
„Направивме што требаше да се направи и горди сме на тоа. Ги поддржавме нашите браќа и сестри во нивната одлука. Денес, бранејќи го тој избор, нашите борци и команданти напредуваат. Целата земја, цела Русија води праведна борба и работи со полна сила.“
Тој истакна дека Русија се бори за заштита на националните интереси, историјата, јазикот, културата и религијата. „Се бориме и победуваме. Заедно ја браниме љубовта кон татковината и единството на нашата судбина,“ додаде Путин.
Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година, официјално нарекувајќи ја „специјална воена операција“ за демилитаризација и „денацификација“ на соседната земја. Киев и западните сојузници тоа го сметаат за неоправдана агресија и обид за окупација на украинска територија.
И покрај дипломатските иницијативи на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во последните месеци организираше средби со Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, војната продолжува.
Според проценките, Русија во моментов контролира околу 114.500 квадратни километри или речиси 19 проценти од Украина, вклучувајќи го Крим и големи делови од источниот и југоисточниот регион.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили ја презеле контролата врз уште две населени места во Доњецката област – Шандрихолове и Заричне.
Украинските власти не дадоа официјален коментар, но претседателот Зеленски изјави дека украинската контраофанзива кај Добропиља бележи напредок.






![Дејвид Бекам заврши во болница [ФОТО]](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/06/screenshot-2025-06-27-101801.png)