Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повтори дека во државата не постојат околности за предвремени парламентарни избори по завршувањето на локалните. Тој изјави дека и доколку Демократската унија за интеграции (ДУИ) победи во клучните општини, тоа нема да биде причина за предизвикување нови избори.
„Ги слушам плановите на ДУИ и тие генерално се движат околу две теми – или ќе изгубат во Чаир, Тетово и други општини, па ќе тврдат дека изборите биле украдени и ќе повикуваат на протести, или пак ќе победат на советничките листи и тоа ќе го користат како аргумент за предвремени избори. Но, ние и во 2021 година победивме двојно и тројно на советнички и градоначалнички листи, па три години останавме во опозиција“, рече Мицкоски во интервју за „360°“.
На прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ остро ја критикува ДУИ за корупција и криминал, а не ги коментира легализациите на десетици згради и стотици станови во Општина Чаир во времето на Изет Меџити и Висар Ганиу, премиерот одговори дека тоа се случувало кога ДУИ имала мнозинство и била коалициски партнер. „Не одрекувам дека Меџити бил градоначалник, но за тоа има институции. Обвинителството веќе го има предметот и тие треба да ја утврдат одговорноста. Ако има вина – веднаш да постапат, за сите, вклучително и за мене“, потенцираше тој.
Мицкоски нагласи дека државата е демократска и секој има право да изразува став, но дека протестите и уличниот притисок не можат да бидат инструмент за политичка нестабилност. „Ние ќе останеме посветени на реформите и на редовниот демократски циклус на избори“, порача премиерот.






