Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, на Сараевската безбедносна конференција истакна дека Босна и Херцеговина се соочува со сериозни безбедносни предизвици поради растечка опасна реторика и политички конфликти.
– Постојат закани за сецесија, запаливи акции и обиди да се поткопа уставниот поредок и владеењето на правото. Овие потези ризикуваат да го урнат мирот, да го забават реформскиот напредок и да ја вратат земјата во поделено минато, нагласи Шекеринска.
Таа додаде дека граѓаните на БиХ сакаат функционални институции, стабилни работни места и мирна иднина, а не конфликти и дестабилизација, нагласувајќи дека политичката волја и храброста се клучни за избор на мир и просперитет.
Конференцијата, на која учествуваа повеќе од 200 претставници од 20 земји, опфати теми како критични суровини, енергетски ризици, странски влијанија, транзициска правда, иднината на трансатлантските односи, како и кибер закани и развој на нови технологии.






