Кинескиот суд во градот Венжу донесе историска пресуда против озлогласената фамилија Минг, која со години управувала со криминални мрежи во пограничниот град Лаукаи во Мјанмар. Вкупно 39 членови на семејството беа осудени, од кои 11 добија смртна казна, пет смртна казна со двегодишно одложување, 11 доживотен затвор, а останатите казни од пет до 24 години.
Фамилијата Минг важела за една од најмоќните во државата Шан, управувајќи со илјадници работници во центри за измами, нелегални казина и мрежи за трговија со дрога и проституција. Најозлогласен бил комплексот „Crouching Tiger Villa“, каде работниците биле држени против нивна волја, тепани и мачени, додека биле приморани да работат во онлајн измамнички операции насочени кон жртви ширум светот.
Според судот, од 2015 година, фамилијата Минг и другите криминални кланови предизвикале смрт на повеќе лица во центрите за измами, вклучително и пукање кон работници кои се обиделе да избегаат.
Објектите првично биле создадени за да ја задоволат побарувачката за коцкање на Кинезите, каде коцкањето е нелегално, но подоцна се претвориле во мрежа за перење пари и масовни измами. Овој феномен Обединетите нации го нарекоа „scamдемија“, во која над 100.000 странци биле намамени, затворени и експлоатирани.
Мјанмарските власти уште во 2023 година уапсиле дел од членовите на фамилијата и ги предале на Кина. Патријархот Минг Сјуечанг, според информациите, извршил самоубиство пред да биде уапсен. Илјадници експлоатирани работници, пак, биле предадени на кинеската полиција.
Пресудата се смета за една од најстрогите во борбата против организираниот криминал во регионот.






