Кит Келог: Трамп ѝ даде зелено светло на Украина за напади во Русија
Специјалниот претставник на Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, потврди дека американскиот претседател му дал одобрение на Киев да извршува напади со долг дострел на руска територија. Во интервју за „Фокс њуз“, Келог рече дека „читајќи го она што го кажаа Трамп, потпретседателот Венс и секретарот Рубио, одговорот е да – искористете ја можноста за длабински удар“.
Тој нагласи дека понекогаш постојат ограничувања во употребата на американско оружје, но одлуките на претседателот мора да се следат. Откри и дека украинскиот претседател Зеленски побарал ракети „Томахавк“ со дострел од 2.500 км, но одлука сè уште нема.
Во последните недели, Трамп зазеде построг став кон Владимир Путин, изјавувајќи дека Русија „убива луѓе без причина“ и дека Москва не ги постигнува своите цели. Тој најави и продолжена воена поддршка за НАТО и увери дека Украина може да ја врати изгубената територија.
Американската политика кон Украина очигледно се менува. Потпретседателот Венс изјави дека „време е Русија да седне на преговарачка маса“ бидејќи економијата ѝ е во хаос и има огромни човечки загуби. Тој додаде дека Москва одбива сериозни преговори и праша „колку луѓе Русија е подготвена да изгуби за минимална воена добивка“.






