Ноќеска околу 02:50 часот, полицијата од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишила од слобода А.Б.(49) од Кавадарци по опасен инцидент на автопатот А1, кај клучката Гевгелија.
Според соопштението од МВР, полициските службеници му дале знак за запирање на возилото „опел“ со велешки регистарски ознаки, но возачот не застанал и го свртел во спротивен правец, пред да биде запрен.
Контролата покажала дека возачот бил под дејство на алкохол со измерени 1,55 промили во крвта. Тој бил исклучен од сообраќај, а за случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија.
По целосно документирање на случајот, против А.Б. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик за „безобзирно управување со моторно возило“.







