Полска ноќеска ги затвори аеродромите во Љублин и Жешув и ги подигна своите и сојузничките борбени авиони поради интензивните напади на Русија со ракети и дронови врз Украина, соопшти Оперативната команда на армијата.
Аеродромите, кои се клучни за транспорт на западната помош за Украина и важни логистички точки за НАТО, остануваат затворени. „Полетаа дежурните парови борбени авиони, а системите за противвоздушна одбрана и радарските системи се ставени во највисока готовност. Мерките се превентивни и силите се подготвени за итна реакција“, наведува командата.
По упадот на дваесетина руски дронови во септември и подоцнежните инциденти со руски воени авиони, јавноста и армијата во Полска сметаат дека е потребна одлучна реакција. Анкета на порталот Onet.pl покажува дека 67% од граѓаните се за соборување на руските летала кои го нарушат полскиот воздушен простор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно потврди дека кон Полска биле испратени 92 руски дрона, од кои поголемиот дел биле соборени над Украина. Белорускиот претседател Александар Лукашенко додаде дека дел од дроновите навлегле во Полска од територијата на Белорусија.
Премиерот Доналд Туск и министерот за надворешни работи Радослав Сикорски најавија дека Полска ќе ги соборува руските авиони и дронови кои ќе навлезат во воздушниот простор, но само ако сојузниците во НАТО го оценат леталото како закана, а не како грешка или краткотрајна провокација.






