Претседателот на Летонија, Едгарс Ринкевичс, денес изјави дека Русија претставува долгорочна закана за евроатлантската безбедност и ја тестира НАТО и Европа на секој можен начин.
Ринкевичс, отворајќи ја конференцијата на Воениот комитет на НАТО на ниво на команданти на вооружените сили во Рига, потсети дека членките на НАТО на самитот во Хаг се обврзаа да вложуваат пет отсто од БДП во одбраната. Тој нагласи дека Алијансата мора да има реални капацитети за справување со новите и традиционалните закани, пренесе Ukrinform.
– Овде не станува збор за табели или слогани, туку за способности кои им се потребни на армиите, морнариците и воздухопловните сили, рече Ринкевичс.
Тој го наведе противвоздушниот систем како приоритет, повикувајќи на трансформација на патролата на балтичкиот воздушен простор во мисија за противвоздушна одбрана и примена на технологии за борба против дронови, користејќи го искуството на Украина.
Претседателот на Летонија предупреди и на хибридни закани, вклучувајќи илегална миграција и прелети на дронови над германска и данска територија, што се смета за „професионален обид за нарушување на безбедноста на НАТО“.
Конференцијата ја води адмирал Џузепе Каво Драгонe, претседател на Воениот комитет на НАТО, а присуствуваат врховните команданти на сојузничките сили за Европа и трансформација, генерал Алексус Гринкевич и адмирал Пјер Вандеј.







