Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати жестока закана кон Москва, истакнувајќи дека руските власти ќе мора брзо да ги пронајдат и запомнат локациите на своите подземни засолништа доколку не ја запрат војната против Украина.
„Прво и најважно, тие треба да знаат каде се нивните засолништа. Ќе им треба. Ако не ја прекинат војната – секако ќе им треба“, изјави Зеленски во интервју за Аксиос.
Тој нагласи дека Киев нема намера да напаѓа руски цивили, „бидејќи ние не сме терористи“, но предупреди дека Украина ќе возврати со иста мера на постојаните руски удари врз нејзината енергетска инфраструктура.
На изјавите остро реагираше поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев, кој на социјалната мрежа X порача:
„Русија може да употреби оружје од кое засолништата нема да ги заштитат. Американците исто така треба да го имаат тоа предвид.“
Коментарите на Зеленски следуваат само неколку дена по неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН.






