По 13 години изградба, црквата „Св. Константин и Елена“ на улица Македонија во срцето на Скопје конечно е завршена и во недела, на 28 септември, ќе биде осветена.
Светата литургија ќе започне во 8:30 часот, а чинот на осветување ќе го изврши поглаварот на Македонската православна црква – г.г. Стефан, во сослужение со бројни архијереи од МПЦ.
Скопската епархија ги повика верниците да земат литургиско учество во, како што го нарекоа, „велелепниот храм посветен на светите цар Константин и царица Елена“. На свеченоста се очекува присуство на државниот врв, дипломатскиот кор, стопанственици, локални претставници и медиуми.
Изградбата на храмот започна во 2012 година, но поради финансиски потешкотии траеше цели 13 години. Средства беа обезбедувани преку донаторски конференции, а голем дел од завршните работи се реализираа благодарение на донации од политичари, бизнисмени и владици.
Од Скопската епархија информираа дека меѓу најзначајните донатори е бизнисменот Кочо Анѓушев, кој целосно го финансирал изработувањето на фреските и фрескоживописот во храмот.
Со осветувањето на оваа црква, центарот на Скопје добива нов духовен и културен објект кој, како што велат од црквата, ќе биде место за молитва, заедништво и духовно собирање на верниците.






