Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела изјави дека е убеден оти Киев има сила да ја добие војната и да ги врати сите окупирани територии.
„Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, враќањето на изворните граници е многу реална опција. Русија бесцелно се бори веќе три и пол години, војна што вистинска воена сила би ја завршила за помалку од една недела,“ порача Трамп на својата платформа Truth Social.
Изјавата дојде по неговата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк, по што американскиот лидер се откажа од притисокот врз Киев и Москва за дипломатско решение. Тој оцени дека Русија личи на „папирен тигар“ и нагласи дека НАТО земјите треба да имаат овластување да ги соборуваат руските дронови што навлегуваат во нивниот воздушен простор.
Паралелно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во четврток изјави дека неговата земја е во „вистинска војна“ со НАТО и Европската унија поради Украина. „НАТО и Европската унија сакаат да објават, а всушност веќе објавија вистинска војна на мојата земја и директно учествуваат во неа,“ рече Лавров на конференција на Г20 на маргините на Генералното собрание на ОН.
Во меѓувреме, Лавров се сретна и со американскиот државен секретар Марко Рубио, кој ја повика Москва да преземе „значајни чекори кон трајно решение“ и го повтори повикот на Трамп за прекин на крвопролевањето, соопшти Стејт департментот.







