Украина продолжува со масовните напади со дронови врз руските нафтени капацитети. Најновата цел беше рафинеријата „Афипски“ во регионот Краснодар, каде што избувна пожар по ударот, потврдија руските власти. Според нив, нема жртви, но делови од дрон паднале директно во фабриката.
Оваа рафинерија, која произведува бензин и дизел, беше нападната и на 28 август, велат украински извори. Експертите проценуваат дека Русија веќе изгубила околу 25% од својот капацитет за преработка на нафта поради серијата удари врз рафинерии, пумпни станици и терминали.
Последиците веќе се чувствуваат – во некои региони недостигаат горива, а цените на пумпите нагло скокнаа.
За да го заштити домашниот пазар, Русија воведе забрана за извоз на гориво уште во март, мерка што неодамна беше продолжена. Но, ова значително ги намалува приходите во буџетот, клучни за финансирање на воените операции.






