Од 1 јануари 2026 година, сите нови модели автомобили во Европа ќе мора да бидат опремени со новиот систем за е-повик од следната генерација (NG eCall), кој го заменува досегашниот eCall систем.
NG eCall користи современа LTE (4G) мрежа за побрз и посигурен пренос на податоци, за разлика од претходните 2G и 3G мрежи. Системот автоматски повикува помош во случај на сериозна сообраќајна несреќа и пренесува информации како локација, активирани воздушни перничиња и број на патници во возилото.
Дополнително, NG eCall овозможува воспоставување гласовна врска со службите за итни случаи, а во иднина системот може да пренесува и слики од местото на несреќата или здравствени податоци од возачот и патниците, со цел поефикасна реакција.
Подготовките за имплементација на новиот стандард веќе се во тек на национално ниво, а се очекува дека со неговото воведување ќе се подобри безбедноста на патиштата и брзината на реагирање на службите за итни случаи.






