Украински хакери обезбедија илјадници документи од руските власти на Крим
Украинската Главна разузнавачка управа (ГУР) преку хакерски напад обезбеди целосен пристап до компјутерите и серверите на руските власти на Крим, извлекувајќи над 100 терабајти податоци, пренесува Ukrinform.
Меѓу податоците се официјална преписка на „шефот на Крим“ Сергеј Аксионов, документи за илегално пренесување украински деца од окупираните региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје на Крим и во Русија, како и информации за нивните старатели, живеалишта и образование. Овие податоци се предадени на органите за спроведување на законот за истраги за воени злосторства.
Исто така, украдените информации содржат списоци на руски воен персонал, заробеници и загинати, документи за исплати и барања за доделување на парцели на Крим. Други документи покажуваат проблеми со снабдување со гориво по нападите на руските рафинерии.







