Министерот за здравство Азиу Алиу изјави дека седумгодишното девојче кое почина во Клиничката болница во Тетово, еден ден претходно било третирано во приватна здравствена установа.
„Ние побаравме од Државниот санитарен инспекторат да изврши контрола таму и веќе имаме официјален наод. Утре ќе формираме експертска група која од клиничка гледна точка ќе го анализира целиот процес“, рече Алиу во вечерашната емисија Топ Тема.
Тој појасни дека според патоказот за лекување, терапијата на девојчето била во согласност со пропишаните правила, но нагласи дека се потребни дополнителни проверки и се чекаат резултатите од обдукцијата.
„Она што досега го видов остава простор за понатамошно следење на процесот. Сè уште е рано да се излезе со конечни детали без дополнителна анализа од наша експертска група“, додаде министерот.






