Кризниот штаб на Србија денес ќе треба да одлучи дали ќе ги прифати построгите мерки за заштита на населението предложени од медицинскиот дел или ќе се откажат од целосно заклучување за што се залага градот Белград. Како ќе изгледа животот во Србија во следниот период – ќе се знае денес по седницата на Кризниот штаб.
Медицинскиот дел од кризниот штаб на денешната седницата ќе дојде со истото барање што го побараа во понеделникот, да се затвори сè освен аптеките, продавниците за храна и бензинските пумпи и тоа на минимум седум дена.
Од друга страна, оние што ги застапуваат економските аспекти велат дека може да се најде компромис, за да може да се затвори сè за викендот, освен споменатите објекти и да се скрати работното време до 18 часот од понеделник до петок. Претседателот Александар Вучиќ веќе изјави дека Србија е далеку од воведување вонредна состојба.
Епидемиологот и член на кризниот штаб, д-р Предраг Кон, истакна дека епиде*иолошката состојба не може да се игнорира и дека е катастрофална во Белград. Остануваме на нашиот став дека затворањето на кафулињата и рестораните нема алтернатива. Јасно ни е дека ова треба да трае најмалку две или три недели, но знаеме дека од различни причини тоа не е можно. Сепак, сега секое намалување на контактите што спречува собири значи многу, рече Кон како гостин на ТВ Прва.







