Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека земјите-членки на НАТО треба веднаш да реагираат и да ги соборуваат руските авиони што го нарушуваат нивниот воздушен простор. Неговата порака дојде по три инциденти со наводни упади на руски беспилотни летала и борбени авиони во територијата на Алијансата во последните две седмици.
„Да, мислам така“, рече Трамп запрашан во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН дали НАТО треба да ги соборува руските летала при вакви нарушувања.
Тој ги даде изјавите пред средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого го нарече „храбар човек кој се бори како ѓавол“. „Имаме големо почитување за начинот на кој се бори Украина“, додаде 79-годишниот претседател.
Трамп, кој најави дека си дава „еден месец“ пред да одлучи дали може да му верува на Владимир Путин, повторно упати остри критики кон Москва. На Генералното собрание тој ги обвини Кина и Индија дека се „главни финансиски поддржувачи“ на Русија преку купување нафта, а европските земји ги повика „веднаш“ да го прекинат увозот на руска енергија.
Американскиот претседател најави и нов пакет строги санкции кон Русија доколку конфликтот продолжи, иако досега повеќепати ја одложуваше нивната конечна примена.






